Согласно буџетските програми на општина Струмица за 2018 година, во тек се повеќе градежни активности во населените места и индустриските зони. За нив денеска информираше градоначалникот, Коста Јаневски. Во населеното место Сачево се изведуваат неколку градежни активности, пред се, еден значаен проект кој самите жители подолго време наназад го спомнуваа како еден од проблемите кои ги мачат, всушност се изведува еден прописен армирано бетонски пропуст кој што ќе задоволува и одредени архитектонски и градежни норми и мислам дека навистина ќе биде во функција на ова населено место и тоа со сите карактеристики кои треба да ги содржи еден таков проект.
Тука се реализира уште една активност, се реновира домот на културата, а во моментов се изведуваат градежно занаетчиски работи и наскоро ќе биде пуштен во употреба. Согласно договорот со закупецот на овој дом, еден дел ќе биде отстапен за користење на месното население, односно, на месната заедница. Овие две работи се важни за ова населено место, всушност тие беа и едни од приоритетите кои што граѓаните ги спомнуваа многу често и години наназад, јас сум задоволен што еве овде делуваме и мислам дека и граѓаните ќе бидат задоволни. Во оваа прилика би сакал да спомнам уште неколку градежни активности кои што се одвиваат на територијата на општина Струмица. Пред се, би сакал да го спомнам главниот пат во населеното место Добрејци каде што во моментот се врши санација на прокопите кои што беа неопходни да се направат заради приклучување на канализациониот систем, се поставува еден базен слој на асфалт кој што би требало прво да биде крпење на тие прокопи, а веднаш потоа се пристапува со асфалтирање на целата должина со претходно одведување на атмосферските води на два пункта кои што ги лоциравме како загрозувачки за овој пат и тоа на самиот влез на главниот пат и некаде на сред село, а кои што со години правеа проблем при поголеми врнежи. Исто така и во индустриската зона Север има неколку градежни активности, се пробиваат и тампонираат неколку улици и веднаш потоа следува асфалтирање на една од главните артерии во оваа индустриска зона. Би ги спомнал и асфалтирањето на една важна улица во населеното место Костурино во должина од 400 метри и уште една во населеното место Раборци која исто така согласно буџетските програми и барањата на граѓаните, неколку години наназад беше спомнувана и еве со задоволство можам да кажам дека и таму денеска се почнува со асфалтирање и мислам дека граѓаните и од ова населено место ќе бидат задоволни од овие активности, рече градоначалникот Јаневски.