Јаневски: Помала дискриминација поголема еднаквост за сите

Локалното координативно тело за заштита од дискриминација на општина Струмица и Асоцијацијата за здравствена едукација и заштита ХЕРА, денеска, на прес конференција која што се одржа во домот на АРМ, промовираа две брошури за правата на лицата со попреченост и ЛГБТИ лицата. Брошурите се изработени од страна на членовите на ЛКТЗД Струмица,

тело кое што е формирано со цел да ги информира граѓаните за видовите на дискриминација и како да се заштитат од неа но и каде да ги пријават случаите на дискриминација. Во своето обраќање градоначалникот Коста Јаневски рече дека општина Струмица од секогаш ја почитувала еднаквоста на сите граѓани и била и е против било каков вид дискриминација. Дека е така, потврдуваат заедничките активности реализирани во изминатите две години, по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу општина Струмица и ХЕРА во 2016 година, а обновен во април оваа година. Подигањето на свеста кај граѓаните за заштита од дискриминација и почитувањето на човековите права и слободи, беа целите на сите активности кои што се реализираа на овој план. Како Општина посебно сме горди што во 2017 година го формиравме Локалното координативно тело за заштита од дискриминација на општина Струмица и отидовме чекор понапред во зајакнувањето на соработката меѓу институциите за поголема заштита од дискриминација. Посебно сум задоволен што денеска се промовираат две брошури кои што се дела на членовите на ова тело. Го поздравувам вложениот труд, и на Локалното координативно тело за заштита од дискриминација и на ХЕРА им посакувам уште многу вакви успешни проекти и заеднички активности, чиј резултат ќе биде помала дискриминација, а поголема еднаквост меѓу сите, рече градоначалникот Јаневски.