Пред почетокот на интернационалната карневалска вечер, градоначалникот Коста Јаневски и Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, го организираа традиционалниот прием за претставниците на карневалските групи и вип гостите кој што се одржа во домот на АРМ. На приемот присуствуваа министри и пратеници, членови на дипломатскиот кор во земјата, членови на бордот на директори на FECC и претставници на карневалските градови – учесници на Струмичкиот карневал.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Јаневски рече дека Струмичкиот карневал со својот меѓународен карактер, претставува и вистински културен амбасадор на нашиот град, но и на Република Северна Македонија. Ми претставува голема чест и задоволство да ви посакам добредојде на овој вечерашен прием организиран во Ваша чест, а во пресрет на големиот Струмички карневал, кој ќе се случи вечерва во рамките на овогодинешните карневалски свечености во нашиот град. Струмичкиот карневал како повеќевековна традиција е еден од најпрепознатливите културни белези на Струмица, а во последната деценија стана еден од најдобрите карневали во Европа и светот. Тоа не прави среќни и горди, но во исто време ни ги зголемува желбите и амбициите, секое издание на Струмичкиот карневал да биде поуспешно од претходните. Самата манифестација има повеќенаменско значање, така што покрај верноста кон традицијата, која ја негувале и ја негуваат генерации и генерации струмичани, Струмичкиот карневал со својот меѓународен карактер, претставува и вистински културен амбасадор на нашиот град, но и на Република Северна Македонија. Преку повеќегодишното членство во Асоцијацијата на европските карневалски градови, Струмица и нашава земја од пооддамна се дел од културна и обединета Европа. Убеден сум дека и вечерва Струмичкиот карневал ќе го оправда својот висок рејтинг и дека сите ќе уживаме во убавините на маските и во креативноста на учесниците од земјава и странство. Се надевам дека убавите чувства ќе знаеме да ги споделиме на најдобар можен начин, рече градоначалникот Јаневски.