Во Струмица формирано Локално координативно тело за пробација

Во рамките на проектот „Заживување на законот за пробација на локално ниво, преку ефективни партнерства во општина Струмица“ на здружението Зелена лупа од Скопје, денеска, во Струмица беа презентирани проектните активности и формирано Локално координативно тело за успешно имплементирање на истиот. Во своето поздравно обраќање градоначалникот Коста Јаневски, потенцираше дека треба да ги ползуваме позитивните европски практики.

Постои едно мислење во јавноста кое вели дека нашава земја изобилува со добри закони, но понекогаш недостасува нивно заживување или нивна соодветна примена. Од друга страна, ако е факт дека безмалку три децении сонуваме за нашето интегрирање во големото европско семејство, тогаш мора интензивно да ги ползуваме позитивните практики од развиените западноевропски земји. Затоа, со задоволство го поддржувам овој проект и формирањето на Локалното координативно тело и посакувам алтернативните мерки кои се дел од овој проект, а се во функција на ресоцијализација на затворениците, да го подмрднат од „мртва точка“ постоечкиот закон за пробација, но и да дадат резултaти кои ќе бидат од општо добро, како за заедницата, така и за општеството во целост, рече градоначалникот Јаневски.