Денес во Домот на АРМ се одржа регионална јавна дискусија за Нацрт Законот за основното образование и Нацрт Законот за наставници и стручни соработници во основнните и средните училишта, на која присуствуваше и Министерот за образование и наука Арбер Адеми. Поздравно обраќање на настанот имаше градоначалникот Коста Јаневски кој меѓу другото истакна:
„Искрено се надевам дека овие Нацрт Закони ќе бидат добар повод и предизвик за развивање плодна дискусија која би била во функција на беспрекорно негување на „линковската врска“ помеѓу оние кои ги носат законите и оние кои ги применуваат во пракса. Тоа е од исклучително значење кога станува збор за важни закони од областа на образованието.Она што со сигурност можам да го кажам е дека Законите се мошне прогресивни, како за квалитетот на воспитно – образовниот процес, така и за професионалниот развој на наставниците, а особено се важни во делот на ползување европски практики во инклузивното образование, со што државата се обврзува да обезбеди квалитетни сервиси за поддршка на децата со попреченост.Општина Струмица ги поддржува овие системски реформи во образованието, разбирајќи ги како национален приоритет, со што директно е посветена за нивно донесување и имплементација“.