Од денеска големиот градски парк е збогатен и со катче за миленици во кое се поставени повеќе реквизити и каде што сопствениците ќе можат да поминуваат пријатни мигови со своите домашни миленичиња. Паркот за милениците е дело на ЕВН во рамките на проектот „ЕВН волонтира“ и успешната соработка што општина Струмица ја има со оваа компанија. Меѓу волонтерите на ЕВН денеска беше и градоначалникот Коста Јаневски кој рече дека паркот надополнува уште едно парче во мозаикот кој што ја прави Струмица урбана и уредена Општина.
Ова е еден проект кој што и нашите сограѓани го бараа во повеќе наврати, посебно љубителите на домашни миленичиња бараа еден простор кој ќе им овозможи да поминат пријатни моменти со своите миленичиња, а од друга страна пак оние кај кои што ваквите појави предизвикуваат вознемиреност би добиле поголема слобода на движење низ паркот. Овој проект истовремено значи и почист и поуреден парк, почиста средина. Со ова решение мислам дека ќе ги погодиме желбите и потребите и на оние кои што се љубители на домашни миленичиња, но и на оние кои што немаат големи симпатии кон движењата на луѓето со миленичиња низ паркот, рече градоначалникот Јаневски.
Александар Трлин, раководител на КЕЦ Струмица рече дека за две години преку „ЕВН волонтира“ реализирале над 50 проекти и се надева дека Струмица ќе се гордее со паркот за миленици.