Учениците од музичкото училиште „Боро Џони“ уште еднаш потврдија дека се најдобри не само во државата, туку и надвор од неа. На меѓународниот натпревар за гитара кој по 20-ти пат се одржа во Ќустендил, Република Бугарија, постигнаа одлични резултати, а на истиот учествуваа над 150 ученици и студенти од повеќе држави и тоа Македонија, Бугарија, Кина, Унгарија, Украина, Србија и други. Жирито исто така беше интернационално составено од претставници на повеќе држави, а во него беше и м-р Васко Пиличев, професор во музичкото училиште „Боро Џони“.
На натпреварот учениците од ова училиште постигнаа одлични резултати и тоа: Стојан Стојанов освои прва награда во конкуренција до 15 години, дуото гитари Стефан Локов и Велјан Дојчинов освоија исто така прва награда во конкуренција на камерна музика, а во истата конкуренција учениците Митко Витанов и Кирил Ичков освоија втора награда.Навистина беше чест и привилегија да се биде дел од таква манифестација посветена на гитарата, а уште поголемо задоволство да се биде поканет како член на жири комисијата. Но, најголемото задоволство ми го приредија моите ученици кои на прекрасен начин го претставија нашето училиште и ги освоија овие вредни награди. Сакам да истакнам дека и уште еден наш сограѓанин, поранешен наш ученик сега студент Георги Трајков, освои исто така прва награда со што струмичани навистина беа одлично претставени на овој фестивал, би рекол дека повеќе награди зедовме ние од Струмица одколку ученици од Софија, рече м-р Васко Пиличев професор во музичкото училиште.