На територијата на општина Струмица во континуитет се врши хуманиот третман на кучињата скитници. Од август минатата година кога почна да се решава проблемот со кучињата скитници, досега е извршено заловување на поголем број кучиња по пријави од граѓаните.
Заловувањето го врши ДТУ Ветеринарна клиника „Анри вет“од Стојаково со која согласно тендерската постапка, општина Струмица склучи договор и направи план и динамика за спроведување на оваа активност која се врши согласно Законот за заштита и благосостојба на животните. По заловувањето, кучињата се транспортираат до прифатилиштето и од секое се зема крв и се праќа на испитување за лајшмaниоза во лабораторијата на факултетот во Скопје. Доколку кучето е позитивно на лајшманиоза, тоа се аутанизира со хуман третман, а доколку наодот е негативен, женските кучиња се оставаат на третман четири дена по стерилизацијата, а машките се оставаат два дена по кастрацијата. Истите кучиња потоа се вакцинираат против беснило, се врши дехелминтизација, се обележуваат со ушни маркички и се чипираат. Откако ќе се изврши сето тоа, кучињата се транспортираат до местото на заловување и се пуштаат. Секое куче има пасош кој се наоѓа во одделението за инспекциски работи при општина Струмица и сите граѓани заинтересирани за вдомување на вакви кучиња можат да се пријават во ова одделение.