Просторна инфраструктура, едукација и подигање на јавната свест и јавни површини се проблемите што ги дефинираа жителите на општина Струмица на сесијата што се одржа во четвртокот, 8.мај, во Домот на армијата. Во присуство на околу 100 жители на општината и жива работна дискусија, со интерактивна комуникација и свои идеи, присутните на првата форумска…
Просторна инфраструктура, едукација и подигање на јавната свест и јавни површини се проблемите што ги дефинираа жителите на општина Струмица на сесијата што се одржа во четвртокот, 8.мај, во Домот на армијата.
Во присуство на околу 100 жители на општината и жива работна дискусија, со интерактивна комуникација и свои идеи, присутните на првата форумска сесија ги групираа приоритетните прашања според видот на проблемите.
“Акцентот беше ставен токму на проблемите во градот каде граѓаните имаа можност да лоцираат прашања со кои се среќаваат секојдневно, а ќе имаат шанса да посочат колку луѓе ги делат истите проблеми што ќе се разгледуваат во наредните месеци и разработуваат во проектни идеи“, изјави модераторот на програмата Светлана Миленкова.
Таа додава дека е задоволна од одзивот на граѓаните бидејќи освен тие од минатата сесија, присутни беа и нови лица, што подразбира дека програмата се смета за сериозна и значајна за нивната општина.
“Ова е можност сите заедно да вежбаме демократија и секако, главната цел е граѓаните сами да одлучуваат за одлуките и проблемите што се решаваат на локално ниво„, заклучува Миленкова.
Меѓу проблемите за кои се дебатираше доминираа недостаток на дневни центри со посебни потреби, простории за изведување кабинетска настава во образованието, спортски објекти, изградба на патишта, патеки, детски и младински центар, туристички локалитети, културно-уметнички активности, сообраќајна поврзаност, недостаток на стручна литература во библиотека и други. Со модераторот на проектот се согласија и Струмичани. Тие сметаат дека им се дава можност за прв пат да се изјаснат и да се слушне нивниот глас.
“Најважно е да се решат проблемите од земјоделието“, вели Диана Стоичевска, чија работна маса предложи Едукативен центар каде ќе се образуваат сите граѓани без оглед на возраста. Гоце Здравевски вели дека е најважно да се опремат кабинети за настава во училиштата, за да конечно учениците можат и практично да се запознаат со наставната содржина. Велосипедска патека, канализационен проблем, недостаток на скејт парк и место каде младите ќе може креативно да се изразат се проблемите што ги предложи Митко Гогов, член на работната маса култура. Тој додаде дека му се допаѓа како е осмислен процесот низ кој тече програмата Форуми во заедницата. Неговата работна маса смета дека се уште е рано да се преудицира за тоа кој проект би можел да победи, но сакаат да направат проекти со кои ќе се извршат промени во градот. Сесијата, составена од 10 работни маси, формираше работни групи кои ќе ги истражуваат дефинираните проблеми, а кои во натамошните сесии ќе произлезат со конкретни решенија и проекти. Гласање за избор на проекти ќе се реализира во шестата сесија. Гласањето за избор на проекти ќе се изврши на тој начин што секоја работна маса носи еден глас, кој што го донесува консензуално. Главната тема на форумот е локален економски развој која опфаќа четири подтеми и тоа: подобрување на условите за образование, обезбедување квалитетна инфраструктура, заштита на ранливи групи и развој на рурални средини.
Наредната сесија е закажана за 3.јуни.