Под мотото „Мали приказни – голем ум“, синоќа, во центарот за култура „Антон Панов“ почна дванаесеттото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој рече дека, продукциската филмска разноликост по форма и жанровска содржина, го прави овој фестивал респектабилна филмска манифестација, не само во Македонија, туку и во регионот, па дури и пошироко во Европа
Овој мозаик го прави нашиот град еден од неколкуте најголеми културни центри во Македонија, а со тоа е мапиран како препознатлива балканска и европска дестинација со свои автентични културни особености. Во тоа „струмичко културно мени“, „АстерФест“ е еден од најдобрите специјалитети што им се нудат на сладокусците на културни содржини. Успешното „астерфестовско“ премостување на она што е предмет на интерес на окото на филмската камера и љубопитното око на филмофилите, е нешто што сите треба да не радува. Продукциската филмска разноликост по форма и жанровска содржина, го прави овој фестивал респектабилна филмска манифестација, не само во Македонија, туку и во регионот, па дури и пошироко во Европа. Токму затоа во фестивалската програма наоѓаат место вистински филмски бисери од еминентни автори, меѓу кои и „оскаровци“. Не можам во оваа прилика да го сокријам задоволството, дека моето „градоначалствување“ и „АстерФест“ имаат иста временска патека, и како резултат на тоа, имав можност да ги меморирам сите фестивалски изданија и да се радувам на евидентниот растеж на фестивалот, кој секогаш ја добивал поддршката од општина Струмица. Уверен сум дека тој растечки тренд на „АстерФест“ ќе продолжи и во годините кои следуваат. Ако мотото на овогодинешното фестивалско издание е „Мали приказни, голем ум“ , тогаш се надевам дека сите љубители на филмската уметност ќе уживаат во малите филмски приказни на големите творечки умови, рече градоначалникот Заев.Тој му ја врачи наградата на годинашниот добитник на специјалното признание за високи достигнувања во филмската уметност на Тивериополската филмска алијанса и Астерфест, Борис Каваца, актер и сценарист од Словенија. Наградата Астер за високи достигнувања во светскиот филм му беше врачена на режисерот и продуцент, Вајт Хелмер од Германија.Во петте фестивалски денови ќе бидат прикажани 21 кратки играни, документарни и анимирани филмови во главната компетиција, 12 во ревијалната програма, како и 4 долгометражни филмови.