Здружението „Рефлексија” од Струмица со поддршка од општина Струмица одржува дводневна летна работилница „Нов Агол” за вовед во скицирање, 3Д моделирање и логичко размислување. Работилницата се одржува во Центарот на заедницата во домот на АРМ и во неа учествуваат средношколци кои планираат да се запишат на факултетот за архитектура, градежен, машински и мултимедија, а работат со тренери – студенти на архитектонскиот факултет од Скопје.
Учесниците во работилницата се стекнуваат со основни вештини за идентификување на потенцијален проблем од јавните простори на нашето живеење и примена на техники на обмислување и скицирање на решенија и идеи за истите. На тој начин, средношколците ќе се здобијат со основни познавања и вештини, додека Општината ќе добие креативни решенија понудени од младите граѓани. До сега „Рефлексија“ има спроведено три успешни еднодневни работилници од овој тип во соработка со Младинскиот совет на Струмица. Активностите се во согласност со целите предвидени во акциските планови за млади и образование на општина Струмица. Подготвените проекти од работилницата ќе бидат изложени за пошироката заедница во септември оваа година.