Општина Струмица и понатаму ќе остане единствената општина во државата без кредитно задолжување. Откажан е планираниот кредит од 43 милиони денари кои требаше да бидат наменети за наредните фази од изградбата на гасификацијата, кои Општината ќе ги реализира со сопствени средства.
Тоа беше одлучено на денешната 42. седница на Советот на општина Струмица на која присуствуваше и градоначалникот Зоран Заев кој го образложи овој предлог, но и сите останати сегменти од Предлог-одлуката за измена и дополнување на Буџетот на Општина Струмица за 2016 година. По усвојувањето на ребалансот на Буџетот, советниците дадоа зелено светло и за сите Предлог-Програми за измена и дополнување на Програмите, кои со усвоениот ребаланс се предмет на пренамена на средства од една во друга програма, согласно приоритетни потреби и нивна соодветна реализација. Едногласно беа усвоени и точките од дневниот ред кои се однесуваа на Предлог Одлуки во делот урбанизмот, како и Годишниот извештај за работата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за 2015 година.