Во салата на Советот на општина Струмица во домот на АРМ се одржа Отворен ден со новите членови на Советот, кој е дел од програмските активности на Центарот на заедницата на општина Струмица во рамки на проектот „Институционална поддршка за 2017 година“, а финансиски овозможен од Фондација Отворено општество – Македонија.
Целта на настанот беше да се доближи работата на Советот и комисиите при Советот до граѓаните и да се овозможи граѓаните да се вклучат со свои предлози, како и во носењето одлуки на локалната самоуправа. Претседателот на Советот на Општина Струмица, Марјан Даскаловски, ги објасни надлежностите на Советот, а исто така ги претстави и новоизбраните претседатели и членови на одделните комисии формирани во рамките на Советот. Граѓаните дискутираа и разговараа со членовите на Советот околу проблемите кои ги имаат во населените места, чистењето на речните корита, јавното осветлување во руралните населени места, се дискутираше за проблемите со кучињата скитници и плановите на Општината за изградба на стационар за кучиња скитници, проблемот со „дивите пазарџии“ околу ТЦ „Глобал“ и други проблеми.