До 19 септември ќе трае јавниот повик за прибирање апликации за 50 кандидати во рамките на проектот „Поддршка на Старт ап бизниси за млади“. Според Тони Милушев, раководител на Одделението за локален економски развој на општина Струмица, Јавниот повик требаше да заврши до 14 септември, но со продолжувањето им се дава уште една можност на младите да размислуваат и креираат сопствени бизниси кои ќе им обезбедат личен и семеен просперитет.
На денешната прес конференција тој информираше за досегашната реализација на проектот, за тековните и идните планирани активности. На проектниот форум кој што се одржа во октомври минатата година, граѓаните одлучија приоритетен да биде проектот за „Поддршка на Старт ап бизниси за млади“. Овој проект чини 2.400.000 денари од кои 1.200.000 се обезбедени од буџетот на Општината, а останатите се грант од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Суштината на овој проект е охрабрување на младите невработени лица да бараат алтернативи за самовработување. Целта е нивните бизнис идеи понатаму да бидат развиени во планови, а најуспешните да бидат наградени со фонд од 1.540.000 денари заради започнување на сопствен бизнис. Согласно процедурата за јавна набавка заврши постапката за избор на економски оператор, избран е Нолиџ центар од Скопје и со него е потпишан договор. Составен е и тимот за имплементација и следење на реализацијата, а во тек се консултативни работни состаноци заради реализација на активностите од веќе донесениот и усвоениот работен план согласно кој ќе течат сите активности до крајот на годината кога е предвидено да заврши проектот. На јавниот повик може да се пријавуваат млади невработени лица на возраст од 18 до 35 годишна возраст со место на живеење во општина Струмица. Според моменталните информации со кои располагаме од Нолиџ центар – Економски оператор, досега има пристигнато околу 78 непотполни апликации и само 2 потполни, иако апликацијата е многу едноставна. Со оглед на оваа ситуација, иако јавниот повик требаше да заврши на 14 септември, истиот се продолжува до 19 септември, рече Милушев.