Иако пред неколку денови, општина Струмица апелираше до граѓаните да престане вандалското однесување кон урбаната опрема во градот, истото продолжи. Поради тоа, од секретарот на Општината, Кирил Парталов, на денешната прес конференција, уште еднаш апелираше да престане уништувањето на општите добра.
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите
Безобѕирниот вандализам во Струмица продолжува со несмален интензитет. Иако општина Струмица деновиве излезе во јавноста со официјално соопштение и апел, во врска со зачестените појави на уништување на општи добра кои се во функција на задоволување на потребите на граѓаните и институциите, овие појави стануваат дел од нашето секојдневие и добиваат загрижувачки размери.Имало и порано такви случаи на вандалско однесување на одредени поединци или групи, но последните случаи ги преминуваат сите можни граници. Кршењето клупи, канти за смет и друга урбана опрема, уништувањето информативни табли во центарот на градот, уништувањето на заштитните капаци на електричните столбови, предизвикувањето дефекти на семафорите и на електричното осветлување во градскиот парк, кршењето на фитнес справите во неоддамна отворената „Кока кола активна зона“ и последниот случај од синоќа во кој е обиен ормарот за електрично напојување на домот на АРМ и предизвикан дефект на истиот, се нешта кои треба да го загрижат секој граѓанин на општина Струмица.Направените штети се огромни. Општина Струмица истите секојдневно ги санира, но загрижува фактот што со смислениот атак врз одредени нешта, сериозно се загрозува сигурноста и безбедноста на граѓаните. Кои се мотивите на сторителите на таквите нецивилизирани активности, може само да претпоставуваме, но едно е повеќе од сигурно, тоа се без сомнение непријатели на општина Струмица и на сите нејзини граѓани.Апелираме до релевантните институции, согласно своите надлежности и законски овластувања, да ги пронајдат сторителите и да ги заштитат граѓаните на општина Струмица од понатамошен вандализам.Истовремено ги повикуваме сите совесни граѓани кои ќе ги забележат какви било уништувања на општи добра во својата околина, да ги пријавуваат на дежурниот број на МВР 192, а настанатите штети во „Систем 48“ на бесплатниот телефонски број 0800 1 48 48, за да бидат навремено отстранети и поправени.Бевме одлични партнери до сега, да бидеме и во иднина, за доброто на Општината и на сите што живеат во неа.