Под генерално покровителство на општина Струмица, денеска, се одржа 37-то меѓународно рели и рели крос на теренски возила и автомобили на патеката во реката Тркања. Учесниците од Србија, Бугарија и Македонија, како и поголемиот број посетители на овој интересен настан, ги поздрави градоначалникот Зоран Заев, кој рече дека како и до сега, ќе им биде пријател на сите спортисти, спортски клубови и национални селекции, затоа што спортот во Македонија заслужува многу повеќе.
-Во овој миг на свечено отворање на овој традиционален меѓународен спортски настан, морам да признаам дека ме обземаат измешани чувства. Кога срцето се радува, а душата тагува, тогаш е исклучително тешко да се изнајдат вистинските зборови за да се долови и сподели она што е најважно да се каже во ваква пригода. Од една страна, неизмерно сум среќен што една прекрасна спортска традиција доживува уште едно свое продолжение, и тоа по трет пат едно по друго, во мојата и нашата Струмица. Од друга страна неизмерно сум тажен поради тоа, што пред само неколку денови прерано не напушти главниот организатор на ова спортско натпреварување, големиот вљубеник во рели возбудувањата и еден од великаните на македонскиот авто-мото спорт, Димитрије Пеливанов. Драги пријатели, убеден сум дека „АМК џип рели спорт“ и овој октомвриски ден ќе го направат празник на адреналинот и празник за сите поклоници на авто-мото спортот, а дека Општина Струмица како генерален спонзор и поддрржувач на ова спортска манифестација, и овој пат, како и во претходните две изданија, ќе се покаже како извонреден домаќин. Истовремено сакам јавно да им изречам признание на луѓето од клубот „Стрит рејсинг“ од Струмица кои вложија максимални напори и помогнаа во организацијата на ова натпреварување. Бидете убедени дека јас, како голем и пасиониран љубител на авто-мото спортот ќе бидам и понатаму голем поддржувач на ова натпреварување како и на сите вакви слични спортски манифестации. Утре, задутре, каде и да сум, како и до сега, ќе им бидам пријател на сите спортисти, спортски клубови и национални селекции, затоа што спортот во Македонија заслужува многу, многу повеќе, затоа што вљубениците во спортот заслужуваат да бидат горди на македонскиот спорт, рече градоначалникот Заев.
Инаку, и годинава на рели возбудувањето не му оделеа градоначалникот Зоран Заев, кој со својот четирицикл ја извози патеката. Откако стаса на целта го чекаше пријатно изненадување од младите струмичани. Тие со торта и транспарент на кој пишуваше „Среќен роденден Градоначалниче“ му го честитаа 42-от роденден.