Ако Мисирков бил премолчуван половина век, наша заедничка должност е, тоа да му го надоместиме. Да го почитуваме и негуваме неговото дело и да бидеме негови верни чувари. Да бидеме чувари на македонскиот јазик, оти македонскиот јазик сум „јас“, македонскиот јазик сте „вие“, македонскиот јазик сме сите „ние“, порача градоначалникот Зоран Заев на отворањето на меѓународната научна конференција „Мисирков – предизвик за нови проучувања во науката“ која што денеска и утре се одржува во Струмица. Посакувајќи им срдечно добредојде и успешна работа на научните работници кои го проучуваат македонскиот јазик и делото на Крсте Петков Мисирков од Македонија, Србија, Словачка, Полска, САД и Кина, градоначалникот Заев, го потенцираше значењето на Мисирков и неговото дело.Сите оние кои се занимаваат со проучувањето на македонскиот јазик, но и сите ние, знаеме колку е значаен Мисирков и неговото дело за белезите на нашиот национален идентитет и опстојување, особено поради неговите иницијативи и предлози за преземање конкретни ангажмани околу јазичната посебност и кодификацијата на македонскиот јазик.
Но, ние денес треба да бидеме загрижени за иднината на македонскиот јазик. Населението во Македонија старее. Младите масовно ја напуштаат земјава. Нели е време да се запрашаме, можен ли и е опстојот на македонскиот јазик, ако од ден на ден се помалку луѓе го зборуваат ? Токму затоа, мораме сите заедно да работиме на запирање на овој негативен тренд. Ова е само еден од белезите на денешново време-невреме, исполнето со разни превирања кои имаат свое влијание во секоја пора на нашето општествено живеење. Ова мора да го промениме. Во таа заложба, конечниот епилог зависи од сите нас, од секое „јас“. Токму за тоа „јас“ зборува Мисирков кога вели: „Името на еден човек не е толку важно за него самиот колку за другите. Затоа тој не се крсти сам, ами други го крстат. Тој самиот не се нарекува „Петар“, туку вели „јас„ “. Почитувани, токму тоа „јас“ ни е повеќе од неопходно во времево кое го живееме. Сите „јас“ во оваа наша земја, стануваат “ние“. Ние треба да се погрижиме, нештата да добијат нормален тек. Мисирков уште ќе рече: „Целосната политичка слобода не вреди ништо, ако еден човек не сознае оти неговиот човечки долг, неговиот долг кон татковината и пред својот народ, е труд, труд и само труд…За да може човек да ги ползува резултатите од својот труд, треба најпрвин да се потруди“. Мисирков и денес е мошне актуелен кога укажува на потребата за воспоставување добри односи со „македонските народности“ и подобрување на политичката и материјалната состојба на Македонците и сите други кои живеат во Македонија. Почитувани дами и господа, ние мора да се стремиме кон прогрес, кон следење на тековите на современото живеење. Во тој поглед, потребно е да се збогатуваме со знаења, меѓу другото и со познавање на други јазици. Има ли поубаво нешто, во исто време да се познаваат други јазици и да се биде верен чувар на македонскиот јазик. На крајот на краиштата, и самиот Мисирков, најголемиот идеолог на македонската национална преродба, според некои извори, самиот знаел 20 јазици, меѓу кои и „санскрит“ и вештачкиот јазик „идо“ – претходникот на „Есперанто“, чие име го носи и хотелот во кој се одржува оваа конференција. На големиот македонски полиглот, интересот кон другите јазици, не му бил пречка да биде најревносниот борец за македонскиот јазик. Во таа смисла, извртувањето на вистината за нечии ставови и печалењето евтини политички поени, не оди рака под рака со колнењето во Мисирков, рече Заев.Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, изразија голема благодарност до градоначалникот Зоран Заев за поддршката која го овозможи одржувањето на оваа меѓународна научна конференција, посебно, во ова време кога науката ја нема вистинската поддршка од државата.