По првата форумска сесија, одржана на 18. ноември, општина Струмица во соработка со Центарот на заедницата на општина Струмица, утре вечер ќе ја реализира втората сесија од Граѓанскиот буџетски форум, која ќе се одржи во хотелот „Тивериопол“ со почеток во 18 часот. На денешната прес конференција, секретарот на општина Струмица, Кирил Парталов, упати јавен повик до граѓаните и граѓанските здруженија за учество во сесијата и да ја искористат можноста да ги проследат развојните програми на Општината за 2017 година, да дискутираат по нив и соодветно да ги рангираат.
Убеден сум дека Општина Струмица и овој пат ќе го оправда приматот што го има во земјава, во поглед на партиципативното буџетирање, како што тоа, во разни форми, го правеше низа години наназад. Ако се суди по првата форумска сесија, не се сомневам дека така ќе биде и овој пат. Со тоа се остваруваат целите на форумот, кои се однесуваат на зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување на Буџетот, како и зголемување на транспарентноста на општина Струмица. Инаку, Граѓанскиот буџетски форум во општина Струмица, го имплементира Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија, а во рамките на Концептот „Општина по мерка на граѓаните“, што Фондацијата го спроведува во партнерство со Општина Струмица. Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани и граѓански здруженија, да земат учество на оваа втора форумска сесија, како што тоа го сторија и на првата, и да ја искористат укажаната можност да ги проследат развојните програми на Општината, да дискутираат по нив и истите соодветно да ги рангираат, рече Парталов.