Во организација на општина Струмица и Центарот на заедницата, синоќа, во хотелот „Тивериопол“ се одржа втората сесија од Граѓанскиот буџетски форум. На сесијата беа дадени одговори од општина Струмица на предлозите од првата сесија и беа презентирани развојните програми за 2017 година, по што следуваа дискусии и рангирање на програмите. Прворангирана со 68 поени беше Програмата за улици и патишта, а по неа следуваа Програмата за уредување на рурални подрачја со 59 поени, Програмата за ЛЕР со 57, Програмата за образование со 52, Програмата за уредување на градежно земјиште со 50, Програмата за социјална заштита со 47, Програмата за култура со 33 и Програмата за спорт со 30 поени.
Изразувам голема благодарност до сите присутни граѓани кои навистина активно учествуваа на оваа втора сесија. Уште на првата сесија се виде дека оваа ќе има плодна и успешна работа при формирањето на буџетот за 2017 година, со самиот факт што граѓаните од осумтте области на буџетското планирање дадоа преку 120 предлози. Сите предлози од граѓаните беа внимателно прочитани и разгледани од страна на Градоначалникот и администрацијата на општина Струмица и поголем дел од нив веќе се вклучени во реализацијата на буџетот за 2017, а оние кои што не се вклучени и самите граѓани знаат дека не зависат само од општина Струмица, туку зависат и од други органи и услови кои треба да се исполнат во наредниот период, а за кој општина Струмица секако ќе води грижа за да се завршат како развојни програми во догледно време. Впрочем, сите овие предлози на граѓаните заслужуваат внимание и радува и фактот што определена група на граѓани која што живее на определено подрачје подеднакво ги разбира проблемите на граѓаните и од друг дел на градот и обратно, граѓаните од населените места ги знаат проблемите во градот, како и граѓаните од градот ги знаат проблемите во населените места. Сите беа единствени во решавањето на нивните проблеми, сите беа единствени во донесувањето на овој буџет кој што за нив значи решавање на нивните проблеми, рече Кирил Парталов, секретар на општина Струмица.