Исто како и минатите години, така и оваа, општина Струмица со буџетски пари ќе ги поддржи спортските клубови, академии и повеќе спортски манифестациии од општински, републички и меѓународен ранг. Во овој контекст е и Јавниот повик, кој општина Струмица го објави деновиве, а го упати до спортските здруженија и други правни лица од областа на спортот кои делуваат на територијата на општина Струмица.Пријава…
Поднесувањето на пријавите трае до трети февруари, а истите може да се подигнат од општина Струмица или да се симнат од општинската веб страница.Ристо Секулов, овластен инспектор за спорт, вели дека општина Струмица досега континуирано го поддржувала спортот, а така ќе биде и оваа година.Општина Струмица како и секогаш го помага спортот, претежно клубовите кои работат во млади категории, масовниот спорт, тука би го издвоил училишниот спорт како еден важен сегмент во нашата општина кој делува доста сериозно со многу активности и турнири. Од клубовите кои сериозно работат во млади категории би ги издвоил академијата „Пандев“ која има над 300 деца, тука се кошаркарските клубови „Ролинг 08“, баскет академијата „Струмица“, исто така сериозно се работи во одбојката каде што имаме и шампион на Македонија, тоа е одбојкарскиот клуб „Струмица“, исто така и во женска категорија одбојкарски клуб „Македонија Макс“ и во последно време би го издвоил и женскиот фудбалски клуб „Тиверија“ кој минатата година беше вице шампион на Македонија во првата женска лига. Општина Струмица во овој период го гради и теренот со вештачка трева веднаш до стадионот „Младост“. Станува збор за проект на општината, се гради со општински пари, околу 350 илјади евра е буџетот што општината го издвојува, а ќе се покрие теренот со вештачка трева, ќе се изградат и придружни објекти како што се соблекувални и трибини, ќе има и рефлектори и ограда на игралиштето, а фудбалската федерација на Македонија се јавува како донатор на вештачката трева која чини околу 100 илјади евра. До крајот на оваа година треба да заврши и спортскиот центар кој го гради нашата фудбалска ѕвезда Горан Пандев за кој се надевам дека ќе стане една плодна почва за создавање на нови фудбалери од калибарот на Пандев. Во оваа 2015 година општина Струмица ќе ги поддржи сите активности кои што треба да се одржат на нејзина територија во областа на спортот, рече Секулов.