Советот на општина Струмица денеска ја одржа 23-седница на која беа усвоени повеќе предлог програми, извештаи и одлуки, меѓу кои, предлог – програмата за работа на Советот во 2015 година, предлог – планот за запишување на ученици во прва година во средните општински училишта, извештајот за минатата година и програмата за подготовка и реализација на струмичкиот карневал за 2015 година.
На денешната седница беа усвоени и извештајот за извршените работни задачи на Територијалната професионална противпожарна единица за 2014 година и предлог – програмата за решавање на проблемот со бездомните кучиња на подрачјето на општина Струмица.На дневен ред беа 20 точки, најголем дел од нив беа од областа на урбанизмот, седум беа за легализација на бесправно изградените објекти. Дополнително беше вметната точката за поставување на спомен обележје на загинатите припадници на безбедносните сили во хеликоптерската несреќа која што се случи на територијата на општина Струмица. Овој предлог беше прифатен од двете советнички групи, а исто така беше дополнета и програмата за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележјата за да може да се реализира поставувањето на ова спомен обележје. Внимание предизвика и предлог одлуката за прифаќање на проект за изградба на пешачка патека (тротоари) на магистралниот пат А4 во селото Дабиле. Општина Струмица преку Југоисточниот плански регион доби проект со кој ќе се постави пешачка патека, односно, тротоари во должина од 500 метри, почнувајќи од училиштето па се до центарот на селото од левата страна заради зголемена безбедност на учениците и останатите пешаци. Денеска беше донесена и одлука за отстапување на товарно возило на детската градинка од општина Струмица и германската амбасада за задоволување на сопствените барања, изјави Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.