Главната интернационална карневалска вечер ќе се одржи на 21 февруари, а организациониот одбор на карневалот интензивно работи за да им понуди на домашните и странските посетители уште едно прекрасно и неаборавно карневалско доживување. Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор на денешната прес конференција информираше за програмата на карневалот, за интересот на карневалските групи, за тековните активности и проблемите со кои се соочуваат.
Годинашната карневалско издание ќе почне на 18 февруари со детскиот маскенбал на кој ќе бидат избрани принц и принцеза кои ќе ја предводат поворката на традиционалниот детски карневал. На 19 февруари ќе бидат објавени резултатите од конкурсот за најдобри остварувања на тема карневал на матичната библиотека „Благој Јанков Мучето“, ќе биде отворена изложба на фотографии од карневалот во 2104 година и ќе се одржи традиционалниот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Со традиционалниот маскенбал кој што ќе се одржи на 20 февруари и свечено ќе биде отворен струмичкиот карневал 2015. Главната интернационална карневалска вечер е на 21 февруари, а на 22 февруари, на Прочка, ќе се одржи традиционалниот детски карневал. На 23 февруари, на чист понеделник, покрај традиционалното варење бел грав, ќе бидат објавени најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата на карикатури и доделување на награди на најдобрите карикатури и афоризми.
На 24 февруари ќе се одржи традиционалното карневалско корзо со посета на домовите на армасаните, а ќе бидат доделени и наградите на најдобрите маски кои учествуваа во интернационалната карневалска вечер. Карневалските празнувања завршуваат на 25 февруари со одбележување на тримерските обичаи.Организациониот одбор направи напори да обезбеди што поголем број учесници за овогодишниот карневал, но за жал нема да можеме да ги примиме сите заинтересирани, бидејќи годинава се соочуваме со сериозни проблеми во сместувањето на гостите од повеќе причини. Одредени хотели поради технички причини не можат да примат гости, а други се веќе резервирани. Соред расположивите капацитети ќе бидат прифатени 20 странски групи со околу 550 гости од Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија и Турција. Се рабира тука се и нашите карневалски групи кои го даваат печатот на струмичкиот карневал. Бидејќи годинава одбележуваме еден мал јубилеј 25 години од обновената организирана форма на карневалот, велам мал јубилеј бидејќи што се 25 години во споредба на вековната традиција, со карневалските групи се договоривме секоја по свој избор да подготви неколку свои најуспешни маски кои ќе бидат дел од царската свита, како ретроспектива на она што се случуваше во Струмица во изминатите години. Ја користам можноста да ја информираме јавноста дека годинава со доста напори успеавме да ги задржиме минатогодишните спонзори, а за жал и годинава изостана поддршката од министерството за култура, рече Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор на струмичкиот карневал.
Инаку целокупната програма и сите информации со карневалот можат да се најдат на официјалниот веб сајт кој е комплетно редизајниран www.strumickikarneval.com