Струмица се подготвува и оваа година да понуди уште едно незаборавно карневалско доживување. На две недели до почетокот на карневалските празнувања се интензивираат подготовките за продолжување на оваа вековна традиција, препознатлива за градот под Царевите кули. И додека подготовките на карневалските маски финишираат далеку од очите на јавноста, бидејќи треба да бидат изненадување на главната карневалска вечер,
Организациониот одбор на карневалот покрај останатите тековни активности е во постојан контакт со карневалските групи од земјата и странство кои покажаа интерес за учество на годинашното интернационално карневалско дефиле. Според информациите од одборот, досега своето учество го потврдиле карневалски групи од Русија, Словенија, од градот Будва во Црна Гора, од Србија учеството го потврдиле карневалски групи од Лесковац, Врњачка Бања, Шабац и Раковица, а од Бугарија, групи од Перник, Разлог, Сандански и Петрич. Во наредниот период се очекува потврда и од карневалски групи од други држави. Според најавите на Организациониот одбор и годинава се очекува во интернационалното карневалско дефиле на 25 февруари да учествуваат над две илјади маскирани луѓе.Инаку, во тек е повикот за пријавување за учество на интернационалната карневалска поворка кој што го објави Организациониот одбор на карневалот. Пријавите за учество треба да се достават на следната е-маил адреса strumicacarnival@gmail.com најдоцна до 20 февруари, а повеќе информации можат да се добијат на телефонскиот број 075 479 033. До истиот рок трае и акредитирањето за новинари, сниматели и фоторепортери за следење на Струмичкиот карневал 2017 година.