Советот на општина Струмица, денеска ја одржа 24-та седница. На седницата, советниците ги усвоија кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за четвртиот квартал од 2014 година, предлог-програмата за дополнување на програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2015 година,
а беа донесени и три предлог-одлуки од областа на урбанизмот. На денешната седница беа усвоени и предлог-одлуките за прифаќање на изработка и имплементација на проектите „Изработка на проектна/техничка документација за основен проект Уредување на поројот Тутеј во с. Габрово-општина Струмица“ и „Изработка на на проектна/техничка документација за основни проекти за фекални канализациони системи во населените места Градско Балдовци и Сачево – општина Струмица“.Најмногу внимание кај советниците предизвика кварталниот извештај за извршување на буџетот за четвртиот квартал за 2014 година со кој се добива завршна слика за економската состојба на општина Струмица. Буџетот за 2014 година е реализиран 85 проценти што е добар процент на реализација имајќи ги во предвид сите останати општини во Република Македонија, не е правен ребаланс, туку, буџетот е оставен така како што треба да се реализира. Претпоставувам дека нереализираниот дел е од забраната за продажба на градежно неизградено земјиште поради предвремените параламентарни и редовните претседателски избори, а токму од тоа се реализира и најголем процент на буџетот на општина Струмица. Сметам дека Струмица се движи во добра насока, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.