Советот на општина Струмица на денешната 25-та седница ги усвои предлог – завршната сметка на буџетот и годишниот извештај на општина Струмица за 2014 година. Покрај ова усвоени беа и извештаите за реализација на програмите за уредување на градежното земјиште,
за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта и улици, за изработка на урбанистички планови во општина Струмица за 2014 година, одржување и заштита на локални патишта и улици на територијата на општина Струмица за 2014/2015 година во зимски услови и предлог – одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот на општина Струмица за 2015 година.На денешната седница, советниците ги усвоија и годишните извештаи за работата на центарот за развој на Југоисточниот плански регион, библиотеката „Благој Јанков Мучето“, домот за деца и млади „Благој Мучето“, отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“, како и извештаите за работата и годишните сметки на јавните претпријатија „Паркиралишта – Струмица“ и „Струмица – гас“.Зелено светло доби и предлог – одлуката за прифаќање на проектот „Опфат на деца во ран детски развој во рурални средини во рамките на детска заштита“.Денеска се одржа 25-та седница на Советот на општина Струмица. Советниците на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија ја напуштија седницата, јас го почитувам тоа, тоа е нивно легитимно право. Седницата продолжи бидејќи беа присутни повеќе од половината од вкупниот број на советници кои што можат полноправно да одлучуваат и донесуваат одлуки какви што беа денешните, пред се мислам на завршната сметка на буџетот на општина Струмица за 2014 година. На дневен ред беа и завршните сметки на јавните претпријатија „Паркиралишта – Струмица“ и „Струмица – гас“ кои што дадоа кратки образложенија за нивното работење. Во делот на завршната сметка на буџетот на општина Струмица за 2014 година сакам да кажам дека тој е остварен со 85 проценти, што е добар процент, за разлика од 2013 година кој беше остварен со 75 проценти, што значи имаме зголемување од 10 проценти. Парите кои што беа собрани од граѓаните беа повторно вратени назад со реализација на патишта, улици, тротоари, нови канделабри, тампонирање на патишта, пробивање на нови улици, значи капитални проекти кои беа завршени, а кои беа неопходни, пред се мислам на пробивањето на улица во касарната во урбанистичкиот блок 36 и 37 и на пробивањето на улици и патишта во таканаречената елитна населба, бидејќи таму има продадено повеќе парцели на лицитација, како од општина Струмица така и од државата, изјави по завршувањето на седницата, Јосиф Христов претседател на Советот на општина Струмица.