Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица – гас“ новата градежна пролетна сезона ја почна со проширување на гасоводната мрежа во урбан блок 36, односно, во кругот на касарната. Директорот на претпријатието, Зоран Китанов, денеска информираше за овој зафат, но и за тоа како ќе се шири гасоводната мрежа во општината до крајот на оваа година.
Стартуваме од ова големо градилиште, кое според нашите увидувања би било место на кое ќе никнат доста нови станбени објекти и ние како одговорно јавно претпријатие благовремено ги преземаме нашите активности за да во иднина нема потреба од дополнително копање. Моментално ја работиме оваа траса со должина од 800 метри која ќе го опфати целиот потег на урбан блок 36 каде што има нови згради, а некои се во тек на градба и можем да ви кажам една убава вест, веќе една зграда уплати 82 приклучока кои ќе бидат во функција за околу два до три месеци, а верувам дека и останатите ќе го следат тој пример. Овде приклучокот ќе почне од крстосницата „11 октомври“ и ќе заврши со пресекот на новата улица која што ќе се гради помеѓу зградите, што значи за во иднина ќе треба само една дополнителна цевка која што ќе се мести до самите згради. По завршувањето на овој урбан блок имаме уште две фази на кои ќе работиме, тоа е урбаниот блок позади фабриката „Герас Цунев“ бидејќи таму има многу заинтересирани кои сакаат приклучоци на гас, потоа во улицата „Киро Абрашев“ која ја работевме минатата година, а сега ќе се дозаврши и ќе почнеме со реализација на еден нов проект. Покрај тоа што Струмица е првиот град комплетно системски гасифициран, ние како Јавно претпријатие ќе се потрудиме заедно со општината во летниот период да ги доставиме и првите приклучоци до првите три села. Имено, нашите цевки завршуваат во непосредна близина на Добрејци, Дабиле и Куклиш, што значи ќе пуштиме цевки до влезовите во селата и потоа согласно заинтересираноста на граѓаните од тие населени места, посебно на сопствениците на оранжериите и пластениците ќе можеме да им дадеме услуга за користење на гас и во нив, со тоа ќе добијат чист енергенс, шумите ќе се сечат се помалку и ќе можеме на нашите генерации да им оставиме почиста средина. Инаку, од пред неколку години во Струмица многу оџаци не ја загадуваат средината бидејќи веќе имаме инсталирано капацитет со околу 10 мега вати и сметајте дека за толку повеќе ќе била загадена Струмица. Ние досега имаме веќе изградено 21 километар гасоводна мрежа, оваа година планираме да изградиме уште 5 километри, што значи за 3-4 години Струмица би имала околу 40 километри гасоводна мрежа кога и најрано очекувам да може да дојде гасоводниот систем кој се најави дека ќе започне во Македонија, а ова значи дека Струмица ќе биде најподготвена и ние ќе имаме само една кратка конекција на тој гасовод, рече Китанов.