Април и мај традиционално се месеци на поголемо раздвижување на сите категории на учесници во сообраќајот, а особено на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите. Подобрувањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а посебно на децата и младите е приоритет во програмите за работа на институциите кои директно ја опфаќаат оваа област.
Општина Струмица преку Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, во соработка со училиштата, активно се вклучува во кампањата „Почитувај ги правилата-почитувај го животот“, преку активности за подигнување на јавната свест и реализација на настани за ангажирање на учениците од основните и средните училишта за стекнување и проширување на знаењата од областа на сообраќајно-техничката култура.
Кампањата ќе се изведува во 4 циклуси по определени периоди и тоа:
14 – 30 април…… за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот
01 – 31 мај ………. поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот
15 – 31 мај ………. поголема безбедност на младите во сообраќајот
25 – 31 мај ………. поголема безбедност на мотоциклистите во сообраќајот
Според Зоран Узунов, претседател на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, денеска почнаа активностите на учениците и претставниците од сообраќајната полиција, кои ги опоменуваа пешаците кои неправилно ја преминуваат улицата.За децата од детските градинки и учениците од одделенска настава ќе се организираат нагледни предавања со практично постапување на децата при преминување на улица на пешачки премин и на места надвор од пешачки премин. Предвидено е во основните училишта еден час по ликовно образование да биде посветен на тема од безбедност во сообраќајот, со поставка на ликовна изложба. Согласно Правилникот за организирање и работа на училишни сообраќајни единици, ќе биде спроведена постапка за формирање на истите во сите основни општински училишта, рече Узунов.
Инаку, кампањата е од отворен карактер и секое училиште може слободно да креира и спроведува активности од областа на сообраќајното воспитување, како во редовната настава, така и во воннаставните активности.