Постои добра основа за соработката во повеќе области помеѓу Струмица и Сандански од Република Бугарија, ова е заклучокот од средбата која што се одржа помеѓу претставниците на двете општини.
На средбата се разгледуваа сите потенцијали и начини за воспоставување на соработка, особено во реализација на заеднички проекти преку искористување на средствата за прекугранична соработка од европските фондови.Сакам да ја изразам мојата благодарност кон раководството на општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев кои што ни овозможија да ја посетиме Струмица. Целта на посетата е пред се да се запознаат двете општини, но и да ја прошириме соработката со општините од Македонија, со некои веќе имаме заедничка прекугранична соработка, но сакаме да ја прошириме, затоа што имаме основа за тоа, рече Андон Тотев, градоначалник на општина Сандански.Според Катерина Кузмановска, член на Советот на општина Струмица, локалната самоуправа на Струмица секогаш е отворена за соработка со општините од соседните земји.Имаме чест да бидеме домаќини на една поголема група од локалната самоуправа на општина Сандански од соседна Бугарија предводена од градоначалникот Тотев. Општина Струмица е секогаш отворена за соработка во било која област, а особено во прекуграничната со било која општина од Бугарија и тоа го има правено во изминатиот период со општини од западна Бугарија и се надевам дека таа соработка ќе продолжи и понатаму. Денешната средба е добар почеток за зајакнување на пријателството и воспоставување на активно партнерство, рече Кузмановска.На средбата присуствуваа и градоначалниците на општините Василево и Ново Село и претставници на Југоисточниот плански регион.