Денеска и утре во домот на АРМ се одржуваат јавни расправи по четири Нацрт-акциски планови за локалните стратегии на општина Струмица, за развој на образованието, млади, соработка со граѓанскиот сектор и за социјална заштита. Целта на овие расправи е да се поттикне отворена дискусија и да се овозможи учество на граѓаните и сите заинтересирани страни да дадат свој придонес во процесот на креирање на акциските планови за локалните стратегии на општина Струмица.
Општина Струмица во декември 2014 година ги усвои локалните стратегии за соработка со граѓанскиот сектор, млади, развој во образованието и социјална заштита кои се изработија со учество на граѓаните во процесот на нивната подготовка. Нацрт – акциските планови се за периодот од 2015 до 2017 година. Акцискиот план го спроведува Градоначалникот на општина Струмица во соработка со локалната администрација и истиот се спроведува преку годишни програми изработени од страна на општинските службеници, а ќе се одобруваат од страна на Советот на општина Струмица, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.Според Ѓорѓи Христов од Центарот за развој на локални демократии, низ целиот овој процес општина Струмица ја потврди својата транспарентност и отчетност.Јас ја користам оваа прилика да и честитам на општина Струмица и на вработените во општинската администрација за несебичната поддршка што ја дадоа и покажаната заинтересираност за изработка на овие четири стратегии кои што го трасираат патот за соработка на општина Струмица со граѓанскиот сектор, потоа за развој на образованието, подобрување на социјалната заштита и соработката со младите во општината, рече Христов.Изработката на акциските планови за локалните стратегии на општина Струмица, се дел од проектот „Општина по мерка на граѓаните“, кој партнерски го спроведуваат општина Струмица и Фондацијата Отворено општество – Македонија.