Општина Струмица денеска ја одбележа 59-годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Одбележувањето се одржа пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк пред кој претставници на општина Струмица, јавните институции, политичките партии, здруженија и граѓани положија свежо цвеќе, а за животот и делото на Трајковски зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица, кој меѓу другото рече:
Детенцето од моноспитските сокачиња, момчето од струмичките улици, ученикот во струмичката гимназија, студентот на правниот факултет, правникот, верникот, политичарот и човекот, измина можеби кус, но многу содржаен животен пат, за да се вивне во височините на македонскиот опстој и да стане и остане бесмртен и по неговата прерана смрт. Ретки се тие луѓе кои останале да живеат меѓу луѓето и тогаш кога физички не се меѓу нив. Тоа е тој, човекот кој ги сакаше луѓето, Божјето чедо кое го сакаше Севишниот Господ Бог, сопругот и таткото кој неизмерно ги љубеше своите Вилма, Сара и Стефан, струмичанецот кој ја сакаше својата родна Струмица и Македонецот кој ја сакаше Македонија, кој се гордееше со Македонија и кој веруваше во Македонија. Ете таков беше Борис Трајковски, кој настојуваше да стави знак на равенство помеѓу она што значи „човек“ и она што значи „Претседател“. Токму таа човечност и едноставност беа неговите главни белези, па во тој поглед не сакаше воопшто да се менува. За него и граѓаните и селаните и земјоделците и работниците и неговите соработници и државниците и кралевите, беа подеднакво – луѓе. За него воопшто не беше важно кој е кој и кој на каква позиција се наоѓа, туку кој е човек во вистинската смисла на зборот. Беше тоа негова доблест по која уште долго ќе го паметиме.
Пред споменикот беа прочитани и првонаградените творби по распишаниот литературен конкурс на тема „И по 11 години спомените за претседателот Борис Трајковски се уште живеат“, а во организација на ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.