Општина Струмица продолжува со предвидените активности во делот на изградбата на сообраќајната инфраструктура во градот. Такви активности во моментов се реализираат во новопроектираните урбани блокови бр. 36 и 37, каде што во завршна фаза се подготвителните работи за асфалтирање на улицата ,,Бр. 2,, . Според најавата на Ѓорги Стојанов од Одделението за комунални работи при Општина Струмица, по финализацијата на работите на оваа улица, ќе следува изведување и на улиците ,,Бр. 3,, и ,,Бр. 5,, со што ќе се овозможи поврзување на изградените објекти на тој дел од градот.
,,Општина Струмица работи на активности за изградба на сообраќајната инфраструктура во новопроектираните урбани блокови – бр. 36 и 37. Во моментов се наоѓаме на улицата ,,Број 2,, која се протега од улицата ,,Ѓуро Салај,, до улицата ,,Никола Тесла,, и од Спортскиот центар ,,Пандев,, до Подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. Изведени се сите земјени работи и тоа ископ и замена на подземното тло, вграден е тампонскиот слој како и бетонските рабници. Останува само да се финализираат и да се вградат слоевите од асфалт. ЈПКД ,,Комуналец,, има изведено атмосферска и фекална канализација како и приклучок на водоводната мрежа. Понатаму ќе се изведуваат и околните улици и тоа улица ,,Бр. 3,, и улица ,,Бр. 5,, со што ќе бидат поврзани веќе изградените објекти на овие локации.