Со висинско прилагодување на капаците од ревизионите шахти на водоводната и канализационата инфраструктура и на решетките од уличните сливници, се реализираат подготвителните работи за асфалтирање на улиците ,,Браќа Миладинови,, ,,Братство и единство,, , ,,Моша Пијаде,, и ,,Ристоман Попчевски,, . Оваа активност, која е дел од овогодинешната програма за работа на Општина Струмица , според раководителот на Одделението за проектирање и надзор при ЈПКД ,,Комуналец,, – Андреј Тошев, опфаќа реконструкција на 45 лиено – железни капаци и околу 50 сливни решетки. Од Општина Струмица апелираат до учесниците во сообраќајот, да имаат разбирање за градежните активности кои се во тек на споменатите улици.
Согласно овогодишната програма на Општината, во план е асфалтирање на повеќе улици во градот, и тоа: улицата ,,Браќа Миладинови,, на потегот од булевар ,,Ленинова,, до ,,Братство и единство,, , улица ,,Братство и единство,, на потегот од ул. ,,24. Октомври,, до ,,Климент Охридски,, , улицата ,,Моша Пијаде,, по целата должина, од гимназијата до ул. ,,Ѓуро Салај,, и улицата ,,Ристоман Попчевски,, на потегот од ,,Маршал Тито,, до ,,Спиро Захов,,. Со оваа активност на Општината се наметнува потребата да направиме висинско прилагодување на капаците на нашите ревизиони шахти од водоводната и канализационата инфраструктура и на решетките од уличните сливници. Оваа активност опфаќа обем на реконструкција на околу 45 лиено – железни капаци кои поради дотраеност во најголем број ќе бидат заменети во целост и реконструкција на околу 50 сливни решетки. Со оваа активност, на одредени делници ќе дојде до попречување на сообраќајот, меѓутоа ова ќе биде направено во координација со МВР – Струмица.