Долгогодишниот проблем на општина Струмица од недостаток на пречистителна станица за отпадни води, за две години ќе биде надминат.Општината стана дел од проектот на Европската Унија – ,,Изградба на пречистителни станици во општините Радовиш, Кичево и Струмица,, .
Проектот е аплициран од страна на Министерството за животна средина и Министерството за финансии, врз основа на конкурирање од страна на Општина Струмица со изготвена техничка документација и Студија за заштита на животната средина.Денес, претставници на повеќе компании од земјата и странство ја посетија локацијата за изградба на пречистителната станица, која се наоѓа во атарот на селото Сачево, по што следуваше и работна средба во салата за седници на Советот на општина Струмица.Според зборовите на Зоран Ѓоргиев – директор на ЈПКД ,,Комуналец,, , меѓународниот тендер за изградба на струмичката пречистителна станица е отворен до 21. септември, до кога заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди, а до крајот на тековната година ќе биде избран изведувачот. Од јануари до јуни следната година, треба да биде изработен основниот проект, а од јули 2016 г. до јули 2017 г. Пречистителната станица во Струмица треба да биде изградена и ставена во функција.Пречистителната станица ќе чини 9.8 милиони евра, средства обезбедени од неповратен грант на Европската Унија.Инаку претставниците на компаниите кои денес ја посетија Струмица, а се потенцијални изведувачи на пречистителната станица, изразија големо задоволство од професионалноста на администрацијата на Општина Струмица и од одличната организација на нивниот денешен престој.