Во организација на Општина Струмица, денес пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад, на свечен начин беа одбележани 112 – годишнината од Илинденското востание и Првата република на Балканот и 71 – годишнината од Првото заседание на АСНОМ. За историографијата на 2. Август и за значењето на двата Илиндена, пригоден говор одржа претседателот на Советот на општина Струмица Јосиф Христов.
Во својот говор Христов меѓу другото истакна:
„Секоја земја во светот има свој ,,Ден на Републиката,, но само Република Македонија овој ден го слави одбележувајќи одеднаш два значајни настана од својата историја. 2. Август – Илинден е голем ден, голем коку што е голема Македонија. 2. Август – Илинден е несомнено најголемиот и најзначајниот ден во пребогатиот македонски календар. Да не постоеше овој ден, ќе го немавме најаргументираниот и најсилниот одговор на прашањето ,,Кои сме, што сме и која е нашата татковина,, .За среќа, по заслуга на возљубените чеда на Македонија од Илинденската епопеја и од Асномското втемелување на македонската државност, денес со гордост ги даваме одговорите на тие прашања, и со гордост го изговораме името – Република Македонија.“
По говорот на Јосиф Христов, претставници на повеќе институции, здруженија и политички партии положија свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, а рецитатори од Домот за деца и млади ,,Благој Мучето,, кажуваа револуционерна поезија инспирирана од двата Илиндена.