Реакција од кабинетот на градоначалникот на општина Струмица по повод прес конференцијата на Зоран Пакетов – претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ и координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Струмица
Повеќе од јасна е намерата на ВМРО ДПМНЕ, преку напади врз Зоран Заев да се обидува да го свртува вниманието на јавноста од доказите за криминалното владеење на својот лидер и неколку други луѓе од оваа партија.
Целата струмичка јавност знае дека пазарот ,,Чешел,, е дело на Зоран Заев, Општина Струмица и ЈПКД ,,КОМУНАЛЕЦ,, и дека истиот ги има сите неопходни услови за нормално функционирање. Овој пазар ја има потребната инфраструктура (водовод и канализација), тезги, соодветна цврста подлога на целата површина, а истиот е и соодветно ограден. Се поставува прашањето дали господинот Зоран Пакетов е скаран со терминологијата кога зборува за некакви ,,субстандардни,, услови. Значи ли тоа дека скоро сите пазари во градовите во Македонија, раководени од кадри од партијата на Пакетов, работат во субстандардни услови, само затоа што не се покриени. Пакетов и ВМРО ДПМНЕ многу добро знаат дека Струмица го има првиот покриен пазар во државата, а со ,,Чешел,, ќе го има и вториот, додека за другите градови тоа е само мисловна именка. Покривањето на пазарот ,,Чешел,, до сега не било приоритетно прашање и затоа ова ветување ќе биде реализирано до 2017 година. И додека пазарите во Струмица непречено функционираат, ќе беше добро Зоран Пакетов и ВМРО ДПМНЕ да одговорат на прашањето ,,каде е пазарот што Владата предводена од таа партија вети дека ќе биде изграден во Струмица,, ?. Струмичани се сеќаваат на ветувањата на Миле Јанакиевски и Зоран Ставревски за изградба на таков пазар, за што беше донесен и урбанистички план. Уште еднаш прашуваме ,,Каде е пазарот господине Пакетов,, ?