Во организација на Центарот на заедницата на општина Струмица се одржа отворен ден со членовите на Комисијата за општествени дејности при Советот на општина Струмица и Одделението за услуги на граѓани и месна самоуправа во општина Струмица. На средбата учествуваа претседатели на урбани и месни заедници на општина Струмица, и претставници на здруженија од областа на културата, сојузи и други граѓански организации.
На отворениот ден се дискутираше по прашањата од надлежност на Општината, а кои се однесуваат на одбележување на празници и манифестации, доделување награди и признанија, функционирањето на месната самоуправа, а најмногу за уредувањето и одржувањето на спомениците и спомен обележјата во општина Струмица.Членовите на Комисијата и Одделението одговараа на прашањата поставени од присутните граѓани, а се беа понудени и предлози за уредување на некои спомен обележја, околу организацијата на културни манифестации и одбележувања на празници, како и други културни иницијативи.Овие отворени денови со комисиите при Советот на општина Струмица се реализираат во рамките на проектот „Општина по мерка на граѓаните“.