Центарот на заедницата на општина Струмица организира обука за претставници од граѓанските организации на тема „Буџетско планирање и развој на проектна апликација“. Оваа обука е дел од концептот „Општина по мерка на граѓаните“, кој Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го спроведува во партнерство со општина Струмица. Обуката ќе започне денеска со почеток во 14 часот, а ќе продолжи и утре во канцеларијата на Центарот на заедницата на општина Струмица (дом на АРМ) и истата ќе ја модерира Хари Шутоски, кој долги години работи на обучување на менаџмент на проектен циклус.
Оваа обука ќе придонесе за развој на капацитетите на граѓанските организации и нивна подготовка за подобро буџетско планирање и добро трошење на парите за реализација на пректни активности и остварување на соодветни цели, како и стекнување на вештини за развој на целосната проектна апликација. Доброто планирање и раководење со проектите е клучниот предуслов да се надминат ризиците и проектите да се спроведат навреме и во рамките на планираниот буџет. Обуката ќе обезбеди знаења и вештини за идентификување на потребите, дефинирање на целите и дизајнирање на успешен проект.