Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, уште еднаш ја потврди својата безрезервна поддршка кон лицата со посебни потреби. Откога стана Градоначалник па до денес, или, вкупно 10 години, е редовен посетител на Тортијадата која се одржува во хотелот „Цар Самуил“ во Банско, а во организација на здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“.И синоќа, лицата со телесен инвалидитет од 11 градови во Македонија, му посакаа срдечно добредојде, го пречекаа како пријател со топли прегратки и голема благодарност затоа што и покрај обврските и годинава беше со нив, а му врачија и благодарница за континуираната поддршка на сите нивни активности.
Ве поздравувам од мое и од името на советниците кои вечерва се овде со мене, а можам да ве поздравам и од амбасадорот Орав, и од Хан, и од Бејли, заради тоа што ние политичарите, најверојатно ја преокупираме целата наша македонска јавност, но секако и во овој период посветен на преговори, јас нема да дозволам ниту една тортијада да испуштам, традиционално, секогаш сум присутен овде, заради тоа што ова е богатство кое што вие го негувате долги години, еве, и до полнолетство дојдовме. Ја имам честа да ја водам оваа прекрасна општина Струмица која традиционално е врзана за оваа тортијада и навистина како прв човек на Општината домаќин, секоја година сум радосен што оваа манифестација може да расте и да се унапредува, која ни носи нови пријателства кои засекогаш остануваат во нашата меморија, а кои ни го збогатуваат нашиот живот. Само можам да ви кажам дека како ваш пријател, по она што претставува преокупација за нашата Македонија, ќе направиме се што е во наша моќ, нашата земја да ја направиме перспективно катче, достојно за живот подеднакво за сите граѓани. Ама, вечерва нема да зборуваме за политика, вечерва треба да се дружиме и секако да ја избереме најубавата торта од овие прекрасни дами кои што се потрудиле да ја збогатат вечерта. Ви посакувам убава вечер на сите, рече градоначалникот Заев.На 18-та Тортијада, жири комисијата за најубава ја прогласи тортата на здружението од Штип, а второто и третото место ги освоија здруженијата од Битола и Кочани.