Секогаш подадената рака за соработка, разбирање и мир на општина Струмица, ја препознаа и во меѓународната Асоцијација на градовите – носители на порака на мирот од каде ја наградија со полноправно членство. Во Асоцијацијата членуваат градови кои биле препознати по својот придонес за зачувување на мирот, соживотот, почитување на човековите права, слободата и демократијата.
Повелбата за членство му беше врачена на претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов на собранието кое што се одржa во Куманово, а на кое учествуваа претставници од повеќе светски градови.Поради својата географска поставеност, но и поради својата отвореност за соработка, Струмица е единствената општина во Македонија која има две ширум отворени порти кон двете членки на ЕУ – Грција и Бугарија. Таа отвореност Струмица ја ползува на најдобар можен начин, држејќи го приматот во поглед на меѓуграничната соработка, со секогаш подадена рака кон блиските пријателски градови од соседните земји. Но таа рака во духот на разбирањето и за промоција на мирот, е подадена и кон градовите од подалечните земји, нешто што до сега резултирало со повеќе збратимувања и потпишани меморандуми за соработка. Еден струмички поет кој мошне добро го познава духот на својот роден град, напишал дека Струмица е убава затоа што има женско име. Јас само би додал дека убавината на градот е поради убавината и големината на неговата душа. Како еден од сите струмичани кои ја споделуваат таа душа, сакам да кажам дека е голема честа и задоволството за Струмица, да биде град – кандидат за членство во Меѓународната Асоцијација на градовите – носители на порака на мирот, рече во своето обраќање, Христов.