Од синоќа во просториите на домот на АРМ, Струмица го има првото „Италијанско ќоше“ во Република Македонија. Во рамките на одбележувањето на „Неделата на италијанскиот јазик“, ова културно – забавно катче го отворија амбасадорот на Република Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белели и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Тие потпишаа и Меморандум за соработка за реализација на овој проект, а со цел продлабочување на соработката на полето на културата, туризмот и економијата помеѓу амбасадата на Италија и општина Струмица.
Амбасадорот Белели и градоначалникот Заев во своите обраќања ги потенцираа одличната соработка и успешното партнерство, а потврда за тоа се повеќе реализирани проекти кои им го збогатија животот на граѓаните во Струмица.Со отворањето на ова ќоше овозможуваме поголема соработка со Италија и отворање на нови работни места. Оваа година прославуваме 750 години од раѓањето на Данте Алигиери, кој е всушност основач на италијанскиот јазик, бидејќи пред него се употребувал латинскиот јазик. Неговата визија била дека секој народ треба да го зборува народниот јазик, тој што се зборува на самата територија, но и визија за иднината и ова е можност ние да го прославуваме него. Ви посакувам на најдобар можен начин да го искористите „Италијанското ќоше“ во кое секој што е заинтересиран може да изнајмува книги и филмови, рече амбасадорот Белели.Градоначалникот Заев истакна дека Италија на светот му подарила прекрасен јазик и непроценливи културни богатства, а Струмица како дел од Европа и светот ги почитува трајните вредности кои се нејзин белег, а тоа го потврдува со фактот што секоја година се вклучува во одбележувањето на „Неделата на италијанскиот јазик и култура“.Струмица бележи неоспорни аргументи кои ја докажуваат наклонетоста на овој град кон италијанските јазични и културни вредности. Во прилог на таквата констатација одат фактите, дека Струмица го има италијанскиот културен центар „Џакомо Леопарди“ , дека во сите школи за странски јазици во нашиов град италијанскиот јазик е се побаран од граѓаните, дека во СОУ „Јане Сандански“ повеќе години се изучува италијанскиот јазик и дека Неделата на италијанскиот јазик и култура во Струмица се одбележува со должна почит. На крајот на краиштата, Струмица е позната како музикален град, а има ли помузикален јазик на светот од италијанскиот. Повеќе пати до сега имам кажано, и во оваа прилика задоволство ми е истото да го повторам, дека општина Струмица има одлична соработка со амбасадата на Република Италија во нашава земја. Многу позитивни нешта се плод на тоа успешно партнерство, а едно од нив е и „Италијанското ќоше“ кое пред малку го предадовме во употреба. Се надевам дека овој значаен проект ќе ги даде посакуваните бенефити и ќе им го збогати животот на струмичани. Едно дамнешно верување во Струмица кое останало до ден денес, вели дека најубавите средби помеѓу вљубените и пријателите се случуваат на некое ќоше. Тоа се случи и вечерва. Се сретнаа два добри пријатела и партнера, и затоа чувствувам потреба јавно да се заблагодарам на амбасадата на Република Италија за прекрасната соработка, со надеж дека истата ќе ја негуваме и надградуваме и во наредниот период, а во знак на потпишаниот Меморандум за соработка, рече во своето обраќање градоначалникот Заев.По отворањето на „Италијанското ќоше“, посетителите уживаа во богатата програма на учениците од Струмица кои одлично презентираа дел од долгата културна традиција на Италија.