Синоќа во хотелот „Сириус“ се одржа осмиот и последен состанок за промовирање на новиот проект „Зајакнување на општинските совети“. Проектот е финансиран од швајцарската агенција за соработка и развој и е дел од долгогодишното партнерство што оваа агенција го има со УНДП, а со цел да се промовира доброто владеење на локално ниво.
Според Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП, главната цел на проектот е да им се дадат алатки и знаење на општинските советници за подобро да ги извршуваат своите три основни функции: подобро да ги подготвуваат буџетите на општинско ниво, подобро да вршат мониторинг врз трошењето на општинските средства и подобро да ја вклучуваат јавноста и граѓаните во активностите на локално ниво. Струмица со нејзините позитивни практики во овој дел е една од петте пилот општини во Република Македонија во кои се спроведува овој проект, а во кој подоцна ќе бидат вклучени повеќе од 50 други општини во државата. Како домаќин на оваа средба, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, во своето поздравно обраќање рече дека, партиципирањето во овој проект ќе придонесе за зајакнување на општинскиот совет, што ќе резултира со дополнителен импулс во развојот на општина Струмица и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните.
Интегрален текст од обраќањето на претседателот на Советот, Јосиф Христов.
Ми претставува чест и задоволство од името на градот домаќин на оваа вечерашна средба и од името на општина Струмица, да ве поздравам и да ви посакам срдечно добредојде. Во исто време, голема е честа за укажаната доверба, токму општина Струмица да биде една од петте пилот општини во Република Македонија кои се дел од проектот на Швајцарската Агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“, спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).Искрено се надевам дека подготвителната фаза на овој проект, во поглед на детектирање на фактичката состојба за капацитетите на општинските совети, размената на искуства и мислења, непречената соработка помеѓу чинителите и креаторите на општинските политики за континуиран прогрес на општините и заедниците, како и подготвеноста за создавање реални услови за зајакнување на општинските совети, ќе ги даде посакуваните резултати. Верувам дека исполнувањето на таквите очекувања ќе биде позитивен урнек и добра основа за подоцнежната имплементација на овој проект во кој ќе бидат вклучени повеќе од 50 други општини од нашава земја.Советите на општините, заедно со градоначалниците и граѓаните, се една од трите главни алки кои го сочинуваат неопходниот синџир за развој на општините. Општина Струмица според мислењето на многумина, е позитивен пример, не само во Југоисточниот плански регион, туку и во целата држава, за компатибилноста на овие алки, за доброто практицирање на развојните политики, за транспарентноста и за редица други нешта кои го комплетираат мозаикот за една успешна општина. Се надевам дека ползувањето на таквите практики и искуства ќе биде од драгоцена важност за учесниците во проектот. Се разбира, тргнувајќи од помислата дека секогаш може подобро, поуспешно и поефикасно, простор за надградба и за подобрување на работата на Советот, секогаш постои. Поради ова, очекувам дека партиципирањето во овој проект ќе придонесе за зајакнување на општинскиот совет, што ќе резултира со дополнителен импулс во развојот на општина Струмица и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните.Во таа смисла, им благодарам на луѓето од Швајцарската Агенција за развој и соработка и од Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), со уверување дека бенефитите од проектот ќе бидат големи.