Во населеното место Дабиле во тек е изградбата на тротоар на левата страна од магистралниот пат М6 во правецот Струмица – Ново Село, почнувајќи од влезот, односно, од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ до центарот на селото. Со овој тротоар во должина од 500 метри, ќе се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а најмногу на учениците.
Изградбата на тротоарот значи реализација на проектот „Подобрување на условите за квалитетен живот и безбедност на граѓаните од населените места низ коj поминува магистралниот пат М-6 во Jугоисточниот плански регион “. Заради големата фреквенција на возила кон македонско – бугарската граница, овој патен правец претставуваше сериозна закана по безбедноста на учесниците во сообраќајот, како на моторните возила, така и на пешаците. Од тие причини, изградбата на тротоарот беше неопходна.