Претставници од општина Струмица учествуваа на еднодневна работилница за развивање на индикатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство, а во рамките на проектот имплементиран од УНИЦЕФ и Советот за превентива против малолетничка деликвенција од Кавадарци.
Во обемниот дел на индикатори произлезени од надлежностите на јавното обвинителство, судовите, министерството за внатрешни работи, министерството за труд и социјална политика, министерството за здравство и министерството за образование и наука, посебен осврт беше даден на анализата на состојбата за собирање на податоци за децата жртви на насилство во училиштата. Стручните соработници-психолози од основните и средните општински училишта од општина Струмица и општинскиот просветен инспектор во работниот дел од тематската работилница дадоа свој придонес за воспоставување на единствен систем за евидентирање и проследување на податоците за децата жртви на насилство во училиштата. Оваа работилница е добра насока и за спроведување на концепцијата „Општина по мерка на детето“, со прифатената визија дека Струмица е општина во која децата се рамноправни при донесувањето на одлуките и живеат во безбедна, здрава и незагадена животна средина.