Првиот ден од традиционалната акција за генерално чистење на градот и населените места која годинава се спроведува под мотото „За чиста струмичка пролет“ заврши успешно. Според информациите од Бранко Горѓиев, раководител на работната единица „Чистота“ на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, во текот на вчерашниот ден од населбите Карпош и Чифлик каде што се спроведуваше акцијата, подигнати се 81 метар кубен разновиден отпад, градежен шут, суви гранки, земја и стар мебел.
Акцијата започна уште во раните утрински часови и во неа беа вклучени четири трактори и еден автоподигнувач и поголем број вработени во „Комуналец“. Во овие две населби се чистеа улиците и тротоарите, а се уредуваа и тревните површини. Во ЈПКД „Комуналец“ се задоволни и од учеството на граѓаните во акцијата, кои по објавениот повик до нив, се јавуваа на телефонскиот број 034 325 909 за да биде подигнат отпадот од нивните домови, а дел од нив ги чекаа поминувањето на екипите од „Комуналец“ пред нивните куќи од каде што беше подигнат отпадот.Акцијата „За чиста струмичка пролет“ ја организираат јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ и општина Струмица, а ќе трае до 23 април. Наредната недела ќе продолжи во деловите на градот каде што отпадот се собира во вторник и петок, односно, тоа се деловите покрај транзитниот пат, булеварот и улицата „Маршал Тито“ и долж се до рудникот.