Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ почна со реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Климент Охридски“. Со овој зафат ќе се решат проблемите во патната инфраструктура, водоснабдувањето и штетите на околните куќи, а кои беа предизвикани од честите дефекти кои што се случуваа во текот на минатата година. Со реконструкцијата е опфатена замена на водоводната линија од спојот со булеварот „Ленинова“
до спојот со „Гоце Делчев“ во должина од 1.100 метри. Според Стојан Ефтимов, раководител на работната единица „Водовод и канализација“ инвестицијата целосно е покриена од општина Струмица во вкупна вредност од 13,5 милиони денари, од кои 6,5 милиони денари се за прва фаза која ќе се реализира до крајот на оваа година и за наредната година се предвидени 7 милиони денари со што целосно ќе биде обновена водоводната мрежа на улицата „Климент Охридски“.Оваа година, во прва фаза ќе бидат заменети 490 метри од водоводната мрежа, а останатиот дел ќе биде заменет во текот на наредната година. Предвидено е оваа мрежа која досега беше со азбестни цевки да биде заменета со дуктилно железни цевки со профил ФИ 200 со што ќе добиеме поголема сигурност во водоснабдувањето во овој дел од градот. Секако со оваа замена ќе се решат и некои хидраулички проблеми во овој дел од градот затоа што со замената на овие цевки ќе се затвори еден водоводен прстен од водоводната мрежа во градот кој што е од витално значење за водоснабдувањето во тој дел. Очекуваме дека со тоа ќе биде подобрена и брзината на водата во цевките со што ќе се придонесе за намалување на локалните загуби, а со тоа и покачување на притисокот во водоводната цевка, рече Ефтимов.Оваа замена ќе се врши побавно затоа што се работи на фреквентен пат и има постоечка подземна инфраструктура и поради тоа од „Комуналец“ апелираат до граѓаните да имаат разбирање за активностите кои што ги изведува ЈПКД „Комуналец“ бидејќи со нив се решаваат големи проблеми на оваа улица.