На денешната тринаесетта седница на Советот на општина Струмица беа усвоени кварталниот извештај за извршување на буџетот за четвртиот квартал од 2013 година, годишниот извештај и завршната сметка на буџетот на општината за 2013 година. Покрај ова, советниците ги усвоија и извештаите за работата на библиотеката „Благој Јанков Мучето“, на домот за деца и млади „Благој Мучето“ и отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ со финансискиот извештај и годишната сметка за 2013 година.
Зелено светло од членовите на Советот добија и програмата за измена и дополнување на програмата за работа на Јавното претпријатие „Паркиралишта – Струмица“ и програмата за измена и дополнување на програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2014 година.
На денешната седница беше усвоена предлог одлуката за определување на места за истакнување на изборни плакати за претседателските избори 2014 во општина Струмица, а беа усвоени и повеќе предлог одлуки од областа на урбанизмот.