Вие имате квалитетно земјоделско производство, а ние голема потреба од него и ова е една од конкретните можности за соработка, вакви се првите впечатоци на претставниците на округот Електростаљ од московската област од дводневната посета на збратимената Струмица. Тие денеска имаа средба со претставниците на струмичката бизнис заедница на која се разгледуваа и дефинираа насоките за економска соработка помеѓу Струмица и Електростаљ.
-Засега најголем интерес имаме за земјоделски производи, но секако има и други можности за соработка. Посетивме неколку откупни пунктови за земјоделски производи и нашите впечатоци се одлични. Вашиот регион е многу убав со квалитетни производи и поради тоа многу ја посакувам оваа соработка, рече на средбата со новинарите, Владислав Назаров, заменик градоначалник на градскиот округ Електростаљ.
Денешната средба со руската делегација ја поздравија и струмичките бизнисмени кои во воспоставувањето на економската соработка со Електростаљ, гледаат одлична можност за пласирање на нивното производство на рускиот пазар.
-Многу ми е важно што збратимувањето со Електростаљ не останува само на хартија, туку се имплементира во плодна економска соработка. Договоривме и наша посета на овој округ и денешната средба е само почеток на една успешна соработка, рече Стојан Иванов, претседател на струмичката бизнис заедница.
Со днешната средба, општина Струмица уште еднаш потврдува дека економскиот развој и е приоритет.
-Во текот на дводневната посета на претставниците на Електростаљ на Струмица беа остварени повеќе средби со приватни стопанственици. Имајќи в предвид дека во составот на делегацијата имаше претставник од општинско јавно претпријатие кое работи на територијата на источниот дел од Москва и ги опслужува со храна скоро сите училишта и јавни институции, најголем интерес беше покажан за земјоделските и конзервираните производи и соодветно на тоа беа дефинирани вакви состаноци. Посетивме поголем број откупни пунктови, претпријатија од областа на прехранбената и конзервната индустрија и ги согледавме сите можностите, но и проблеми. Најголем проблем се појави во областа на земјоделското производство со цените кои осцилираат од месец во месец и ние како општина Струмица во зависност од количинските потреби кои ќе бидат дефинирани во текот на наредниот месец, ќе се обидеме заедно со бизнис заедницата да се дефинира една фиксна цена која ќе важи во текот на целата година. Исто така веќе се договара во месец септември да се оствари возвратна посета на струмичките стопанственици на Електростаљ од страна на општина Струмица и во нареднниот период ќе бидат идентификувани сите компании кои имаат капацитети и можности да влезат на рускиот пазар, рече Џоко Ристевски раководител на одделението за меѓународна соработка и европски фондови при општина Струмица.
Општина Струмица и градскиот округ Електростаљ се збратимија и воспоставија пријателски односи во декември минатата година.