Општина Струмица е една од 23 општини во Република Македонија вклучени во реализацијата на проектот „Ние сме идни лидерки и двигателки на промените во нашите заедници“. Проектот се спроведува во период од три години, од 2013 до 2015 година, а го спроведуваат одделот за родови студии на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при универзитетот „Евро-Балкан“ и Македонското женско лоби, како водечки организации, во стратешко партнерство со Парламентарната комисија за еднакви можности и во соработка со невладините организации ДЕСИДЕ – Асоцијација за демократија, социјална инклузија и развој и Сирма.
Овој проект се спроведува со техничка и финансиска поддршка на UN Women, телото за родова еднаквост и зајакнување на жените на Обединетите Нации. Целта на проектот е да ги мотивира жените лидерки и да ги развива нивните капацитети во процесот на кандидирање, избор и извршување на градоначалничките и советничките функции во единиците на локалната самоуправа. На овој начин, проектот ќе придонесе за зголемено учество на жените во процесите на донесување одлуки на локално ниво и за поефективно спроведување на родовиот концепт во сите аспекти на локално ниво.
Општина Струмица преку Координаторот за еднакви можности на жените и мажите и членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на општината, се вклучија во проектните активности и изработија едногодишен акциски план за спроведување на активноста чија што крајна цел ќе биде внесување на родовата перспектива во општинските акти и стратешки документи. Согласно акцискиот план, во јуни 2014 година ќе бидат спроведени две тематски работилници со администрацијата и советниците од општина Струмица на следниве теми: „Основните концепти на родовата рамноправност и зошто таа е значајна за локалната самоуправа” и „Вклучување на родовата перспектива во програмите, проектите и документите на локалната самоуправа“.
Во јуни ќе се направи селекција и ќе се подготви листа на документи кои ќе бидат анализирани од родов аспект и за кои ќе се дадат конкретни препораки за вклучување на родовата перспектива во истите. Препораките ќе бидат доставени до Градоначалникот и до Советот и се очекува истите да бидат усвоени и инкорпорирани во наредниот период.
Во септември ќе бидат спроведени две работилници за јакнење на капацитетите на администрацијата и советниците со одредени вештини, и тоа: „Родово сензитивен јазик во говорот на советниците во општинските Совети и администрацијата во општина Струмица“ и „Како до родово разделени податоци?“
За сите активности граѓаните ќе бидат информирани преку локалните медиуми и веб страницата на општината Струмица.