Oпштина Струмица организира акција „Чиста и уредна средина“ за поголема комунална хигиена во градот. Акцијата ќе се спроведе во соработка со „Систем 48“, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, одделението за заштита на животната средина и граѓаните на општина Струмица. Акцијата ќе стартува на 15 јуни со расчистување на јавните површини, дворните места и површините пред станбените згради, а ќе заврши на 29 јуни. За успешно спроведување на акцијата, градот ќе биде поделен на три реони.
Во првиот реон акцијата ќе се спроведе на 15 јуни и ќе ги опфати граѓаните каде што отпадот се подига во среда и сабота, а почнува од улицата „Ѓуро Салај“ кај спортската сала, населбите Карпош и Чифлик и завршува со улицата „Кирил и Методиј“. Расчистувањето на јавните површини ќе се одвива на следните локации: тротоарите на улиците „Ѓуро Салај“ и „11 октомври“, игралиштето на улицата „22 декември“ и поројот „Васил Главинов“. Собирното место за првиот реон ќе биде пред градинката на улицата „Ѓуро Салај“ од 8,00 до 16,00 часот.
Акцијата ќе продолжи на 22 јуни (недела) во вториот реон , каде што отпадот се собира во понеделник и четврток и ќе бидат опфатени сите улици во границите од улиците „Димитар Влахов“ и „Маршал Тито“ до улицата „Ристоман Попчевски“, односно, високиот дел на градот. Во овој реон ќе се чисти и поројот „Крушевска Република“. Собирното место ќе биде на кружниот тек пред подружницата на ЕВН во периодот од 8,00 до 16,00 часот.
И третиот реон во кој акцијата ќе се спроведе на 29 јуни ( недела) ги опфаќа улиците од булеварот „Маршал Тито“ до транзитниот пат „Климент Охридски“, а собирното место е пред подружницата на ЕВН од 8,00 до 16,00 часот.
Се повикуваат сите граѓани, масовно и активно да се вклучат во акцијата со расчистување на отпадот од нивните дворни места и подрумски простории и истиот да го остават пред своите домови и да пријават на „Систем 48“ на бесплатниот телефонскиот број 0800 1 48 48. Во акцијата ќе се собира домаќински и кабаст отпад, а не и градежен шут.
Со оваа акција, градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица заедно со граѓаните, уште еднаш како многу пати досега, на дело ја потврдуваат заложбата за чиста и уредна Струмица, како што му доликува на еден модерен европски град.