Како позитивен пример на прва и единствена гасифицирана општина со виртуелен гасовод во Република Македонија, општина Струмица се повеќе е барана за учество на конференции за одржлива енергија. Искуствата и придобивките од гасификацијата, денеска во ЕУ Инфо Центарот во Скопје
ќе ги презентира директорот на Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“, Зоран Китанов. Таму, Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во соработка со своите партнери Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ) ја организира конференцијата на тема „Енергетска политика – потреби (Гасификација, Правна рамка)”, како дел од европската недела на одржлива енергија. Конференцијата има за цел да ја претстави енергетската политика во Република Македонија и регионот, а во поглед на исполнување на потребите за енергија, како и преземените мерки за да се обезбеди соодветно ниво на квалитетна енергија. Во фокусот на конференцијата е процесот на гасификација, како едно од оптималните решенија, а ќе се разгледува и националната правна рамка во врска со овој сектор, како и усогласеност со ЕУ директивите.
Поканата за учество на ЈП за енергетски дејности „Струмица гас“ следува по успешната презентација за позитивен пример во гасификацијата на Форумот за енергија што се одржа на 11 јуни во организација на амбасадата на САД во Република Македонија и советодавната организација „Аналитика“.